Бев на телевизија, си играв со идентитетот, ja барав Европа

Бев на телевизија, си играв со идентитетот, ja барав Европа

325
SHARE

Европската Унија не е света крава – хм, повеќе е крава за молзење – и подложна е на секој вид критика, ама таа и натаму претставува просперитетен клуб кон кој „сите“ се стремат и клуб од кој никој не излегува.

Пишува Ненад Јовановиќ

Бидејќи во оваа тажна земја луѓето изгледа никогаш нема да се изморат од досадните приказни за „идентитетот“ на оваа или онаа колективистичка основа, не е никакво чудо што на самиот поим идентитет тука кај нас му се придава смртно-сериозно значење (дури мислам дека приказните за колективниот идентитет слободно може да ги наречеме „еклектична турлитава“!), та оттука не смее здраво да се заебаваме со Светиот македонски идентитет.

Оваа недела учествував на телевизиска дебата која беше наречена „Големо ни е името“ (големо, ами како, дури до Кина!), а главниот селектор-модератор беше Христо Ивановски. Како се одвиваше емисијата, луѓето, вклучително и јас со нив, кажавме-што-имаме-да-кажеме; но, во еден момент добив впечаток дека Христо, уредникот на емисијата, како да сакаше да ги доведе во прашање досегашните „цврсти“ одредници на она што е „наше“, и она што не е, токму во емисијата „Големо ни е името“, во кои главни гости беа прекалените „имебранители“ и чувари на „бенгалскиот“ идентитет на сите Македонци што се наоѓаат низ разни меридијани во светот, галаксијата, космосот и пошироко; да, погодувате, станува збор за Ристо Никовски и Ефтим Клетников лично. Добро, бре, луѓе, пред да почнам со „истата емисија“ во пишан текст, зарем Македонија од 1991 година наваму нели името го промени најмалку трипати, онака како што во тој период се менуваа границите и државните констелации? Добро, полека, не рипајте, само сакам малку да ги нервирам локалните патриоти, а веќе во следниот момент почнувам со текстот.

Неодговорна површност

Луѓе мои, ако од нешто бескрајно сум уморен во оваа декада на организирано лудило, тогаш тоа се вечните, но така (ис)празни теми за „нашиот“ идентитет. Имено, овдешниот „патриотски ум“, однекаде мисли дека во оваа приказна има нешто и за него, и дека тоа нешто треба што побрзо да го грабне и изглода. Па, сепак, dark hat: тешко дека во сето тоа има сериозни траги од каква било рационалност, туку сè си мислам дека станува збор за неодговорна површност и чудна блесавост. Гостите, останатите двајца соговорници, Ристо енд Ефтим, некако цело време како да уживаа поради приказните за кои тие мислат дека Европската Унија слабее, а од друга страна, и од некоја само ним јасна причина дека тоа е добро за Македонија, баш како Македонија и ЕУ да се некакви ривалски сили што се толчат за превласт во континентот, спојувајќи се една во друга. Сакам да кажам, ако беше така, тогаш разговорите и аргументациите на Ристо енд Ефтим ќе имаа некаква смисла. Во реалноста, Македонија е само еднa малечка, сиромашна и девастирана земја од маргините на европскиот континент, и на Македонија ЕУ ѝ е потребна како што топла куќа му е потребна на некој бедник што се смрзнува на улица, во епицентарот на јануарските виулици. На самата куќа повеќе-помалку ѝ е сеедно: таа е топла па топла, дали била со тој бедник или без него, сосема сеедно. Ако овој сака да влезе, лесно ќе го огрее. Ако не сака, нека се смрзне надвор, ама тогаш, ќе ве молам, нека не ја гребе со нож фасадата! Ќе викнеме, бре, милиција!

Во таа смисла, се што Европската Унија како целина ја „кочи“ и ја прави помалку конкурентна во глобалниот политичко-економски натпревар е начелно „добро“, а сè што ѝ помага на ЕУ да заживее како нешто повеќе од „штуриот“ сојуз на независни држави – што за неа претставува структурална нужност, затоа што таа фаза одамна ја помина и ги исцрпе нејзините најдобри можности, е само во тој контекст е „лошо“ за некоја наша „имагинарна работа“.

Никој не излегува

Па, добро, на крајот на краиштата, не се нашите „еврофоби“ Ристо енд Ефтим во тоа баш така осамени: зарем не размислуваат слично во ирскиот „Шин Фејн“ (некогашно политичко крило на ИРА), во Северната лига, кај Хајдер, Ле Пен, постмусолиниевци, а нели ги заборавивте урнебесните браќа Качински (красно друштванце, бајдвеј)? Да, ама со една разлика: сите овие се членки на Европската Унија. И ниту една не покажува најмал порив од неа да излезе. Ирска најмалку – па каде баш Ирска, земја која – низ донации, а уште повеќе низ сериозни инвестиции – доби поприлично пари од Европската Унија (и од САД), па паметно ги вложи, што заедно резултираше со „ирското чудо“?

Е, на тоа место настанува еден нималку случаен „раскол со реалноста“, како ексклузивен македонски проблем. Европската Унија не е света крава – хм, повеќе е крава за молзење – и подложна е на секој вид критика, ама таа и натаму претставува просперитетен клуб кон кој „сите“ се стремат и клуб од кој никој не излегува. Сите прашања околу нејзините внатрешни проблеми се подложни на дискусија, што сепак елементарниот разум говори дека еден процент од популацијата сепак не може тукутака да им ја наметне својата волја на оние деведесет и девет отсто…

Може, додуша, нешто друго: да излезе од игра ако му се чини дека таа не му одговара, како што на времето на Ирска ѝ предлагаше својот министер за надворешни работи; ама, гледај, никој тоа не го сака – Ирците најмалку. Пред сè, ќе најдат некој шашав начин да објаснат дека се зафркавале и дека малку им се заматило во свеста од силниот „гинис“. На ист начин остануваат Холандија и Франција, тие стари добри играчи во срцето на „старата Европа“, во инат на несреќните референдуми. Баш како што и една Полска ќе остане силно закотвена во Европската Унија, па дури и кога би имала не двајца, ами уште десетпати по толку браќа Качински…

Со Македонија работата стои обратно: таа не е ниту пред портите на Европа. Таа треба допрва – со жестока работа на себе – да се квалификува за влез, па дури потоа да стекне „право на мрзливост“. Сè друго е симптом на кисело грозје, зачинето со племенитиот провинциски ум. Па, добро, ќе речете, а каде се Ристо енд Eфтим во сета оваа приказна? Видете, луѓето седеа до мене, нешто зборуваа, се клатеа на столовите; на крајот се поздравивме и си посакавме до скоро видување. За ова што погоре го зборувам, нашите „православни Келти“ ништо не знаат и ништо не предвидуваат.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY