Амнестијата е одличен потег!

Амнестијата е одличен потег!

433
SHARE
Бранко Героски
Бранко Героски

Нема причини за страхување – со амнестијата Владата значително ќе ги подобри условите во македонските затвори и ќе ја намали стапката на криминалитетот во земјата.

 

Бранко Героски
Голем комплимент заслужува премиерот Зоран Заев за неговата одлука да го посети македонскиот гулаг „Идризово“, со свои очи да види во какви невозможни услови живее затворската популација во Македонија и јавно да изјави дека се срами што е премиер на земја што има вакви затвори. И треба да се срами, без оглед што таа срамна состојба не е негова вина.
Затворениците се луѓе што се огрешиле од законот и на кои судот привремено им ја одзел слободата, но никој нема право да им ги одзема здравјето и човечкото достоинство. Ако сака да биде цивилизирана земја, утре членка на НАТО и на Европската Унија, Македонија мора да има цивилизирани затвори, во кои затворениците ќе ги издржуваат казните, но нема да бидат подложени на тортура, како сега. Освен тоа, по примерот на повеќе европски земји, нашата земја мора да воведе и алтернативни начини на отслужување на затворските казни.
Но, времето е прекратко, а состојбите во преполнетите македонски затвори се толку алармантни, што тешко ќе се постигнат видливи реформски резултати само на таков начин. Затоа заслужува целосна поддршка идејата на Заев за една општа амнестија за осудениците во Македонија.
Тие што страхуваат од еден ваков, храбар исчекор, треба да знаат три многу битни работи. Прво, амнестијата не значи пуштање на затворениците на слобода, туку скратување на затворските казни. Второ, амнестијата нема да ги опфати лицата што сториле тешки, свирепи убиства, дела против човештвото и сторителите на сексуални злосторства врз малолетни лица. И трето, амнестијата по правило не го зголемува општиот криминалитет, туку сосема обратно – го намалува.
Со еден ваков потег, добро осмислен и решително изведен, Владата значително ќе ги подобри условите во македонските затвори, ќе ја намали стапката на криминалитетот и ќе ја приближи Македонија кон клубот на цивилизирани држави. Да ја поддржиме во таа намера!

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY