Раководителка од АВРМ потрошила илјадници евра буџетски пари во маркети и молови

Раководителка од АВРМ потрошила илјадници евра буџетски пари во маркети и молови

140
SHARE

Новата директорка на Агенцијата за вработување (АВРМ), Билјана Јовановска, ја обвини денеска Слободанка Алексовска, вработена во АВРМ на работно место Раководител на Центар за вработување на град Скопје, воедно и советник во советот на град Скопје од редовите на ВМРО ДПМНЕ, дека злоупотребила околу 9.000 евра од буџетот, купувајќи предмети за свои лични потреби.

Слободанка Алексовска е суспендирана од работното место Раководител на Центар за вработување на град Скопје. Донесена е одлука за поведување дисциплинска постапка, која ќе продолжи по изборите, а во тек е комплетирање на документација неопходна за поднесување кривична пријава за сторени кривични дела од нејзина страна.

Според Јовановска, Алексовска од буџетот на АВРМ во 2016 година има потрошено 429.597 денари (7.000 евра) и за првата половина од 2017 година 116.625 денари (околу 2.000 евра) за свои лични и семејни потреби од маркети, молови, аптеки и слично.

– Слободанка Алексовска несовесно, спротивно на правните прописи, со злоупотреба на службената положба и овластувања, нанела штета на имотот и буџетските средства на Агенцијата за вработување. Спротивно на Правилникот за користење на службени моторни возила користела две службени возила надвор од работното време, после 16.30 часот, и тоа за време на викенди, за време на користење слободни денови и при користење годишен одмор. Од буџетот на АВРМ трошела средства за патарини и паркинг услуги надвор од работното време, во неработни денови и во доцни вечерни часови. За угостителски услуги се правени повеќе сметки со износи над 6.000,00 денари во доцни вечерни часови и викенди – рече директорката на Агенцијата за вработување на РМ, Билјана Јовановска.

Според сметките што ги приложи АВРМ, Алексовска купувала машки чорапи, жилети, марамици, козметика, аутан спрејови, млеко за тело, смоки, цигари, бургер јуниор, мешан кашкавал, јајца од јапонска потполошка, млеко, води, цуцла, масилнки, напитоци од соја, кубети, лижавчиња, мастики, чипсови, риба и услуги за пржење, месо, ориз, макарони, овошје, фстаци и тн.

– Сето ова покажува какви неодговорни лица раководеле со АВРМ во изминатиот период и како злоупотребувале државни средства, пари од граѓаните за свои лични потреби и задоволства, оставајќи позади себе хаос, штета, безредие и поттикнувајќи беззаконие. Законот важи за секого и секој што ќе се огреши ќе сноси одговорност – порача Јовановска.

Таа нагласи дека ќе работи исклучиво врз основа на позитивните законски прописи поткрепени со материјални докази.

Во тек се ревизии и обезбедување докази за многу неправилности во раководењето и работењето во АВРМ, за што ќе бидат преземени соодветни законски мерки и за јавноста ќе биде благовремено известена.

Согласно планот и стратегијата на новата Влада, АВРМ најавува дека ќе работи транспарентно и отчетно кон граѓаните на Република Македонија.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

15 − eleven =