Хроника на еден мистериозен дипломатски брифинг

европска комисија фото МИА

Брифинг на европски дипломати не е невообичаена работа, но во случајов тој изгледа мистериозен со оглед дека ниту ЕУ, ниту Делегацијата на Унијата во земјава, ниту невладините организации немаат никаква прецизна информација за настанот.

Неколку медиуми во земјава минатата недела објавија информации од брифинг на европски дипломати со граѓански здруженија за состојбите со граѓанското општество и политичките елити, поврзани со процесот на преговори од ЕУ, односно со претпристапниот евроинтеграциски процес на Македонија и улогата на граѓанското општество и на политичките елити во него.

Таинствените брифери наводно изразиле незадоволство од тоа што го сработиле невладините, медиумите и политичките елити за поддршка на евроинтеграциите, иако ЕУ кај нив вложила десетина милиони евра.

Брифинг на европски дипломати и не е невообичаена работа, но во случајов тој изгледа мистериозен со оглед дека ниту ЕУ, ниту Делегацијата на Унијата во земјава, ниту невладините организации немаат никаква информација. Голем број од релевантните невладини организации, како што изјавуваат нивни претставници, првпат слушнале за таков брифинг и не знаат ниту еден од нивните колеги кој бил присутен.

Според објавите во медиумите, брифингот, минатата недела, пред посетата на високиот претставник за европска и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жосеп Борел на Скопје, го одржале неименуван висок дипломат од кабинетот на Борел и еден дипломат – таск менаџер од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) задолжен за Македонија и Албанија. Дел од пораките на тој брифинг биле во насока дека ЕУ ја условува финансиската и генерално поддршката на граѓанските организации со барање тие да се воздржуваат од критики на процесот и да даваат безусловна поддршка на евроинтеграцијата.

Извори од ЕЕАС од Брисел за „Слободен печат“ категорично демантираат дека документот што се лиферувал како транскрипт од брифингот е нивен документ и тврдат дека во него има „повеќе грешки и работи што не се во нивен домен“. Оттаму додаваат дека „не знаат дали станува збор за фејк документ или за нешто друго“.

Неколку денови по објавувањето на информациите, со реакција се огласи и Делегацијата на ЕУ во Скопје во која се наведува дека се работи за „наводен брифинг на невладини организации“.

„Граѓанското општество има важна улога во секое демократско општество, однесувајќи се како набљудувач и коректив кон властите, обезбедувајќи експертиза, промовирајќи иновативност и креативност и зајакнувајќи ја демократската одговорност. Поради овие причини Европската Унија е долгогодишен и конзистентен поддржувач на граѓанското општество генерално, вклучително и преку обезбедување финансиска помош.

Истото важи за невладините организации во Северна Македонија, сега земја преговарач. Во овој контекст, граѓанското општество може да игра многу позитивна улога и да се однесува како партнер во промовирањето на реформите и унапредувањето на европската интегративна агенда.

Ова не значи дека невладините организации треба да се воздржат од критички поглед на процесот, на реформите или всушност и на самата ЕУ. Нормално е и здраво да има различни погледи на процесите“, пишува во реакцијата од Делегацијата на ЕУ.

Оттаму додаваат дека што се однесува до нивната финансиска поддршка за граѓанските организации, таа вообичаено се обезбедува за спроведување конкретни активности што ги унапредуваат основните вредности врз кои е основана ЕУ и на кои Северна Македонија е исто така посветена за европската перспектива. Ова, според ЕУ, вклучува почитување на човековите права, владеењето на правото и демократски вредности.

„Додека очекуваме организациите што ги поддржуваме да дејствуваат со професионализам и со интегритет и да ги споделуваат истите вредности, граѓанското општество мора секогаш да биде слободно да ги изразува своите ставови за темите кои се во прашање и да дејствува независно“, велат од Делегацијата на ЕУ.

Инаку, на „брифингот“, за кој известија дел од медиумите, европските дипломати наводно барале поголема инволвираност на граѓанските организации и на целокупното општество во овој процес со недвојбена посветеност кон ЕУ агендата и користењето на ЕУ-фондовите за граѓанските организации и за медиумите, со цел дополнително зацврстување на улогата што ја имаат овие општествени групи и заедници. Дипломатите, како што се наведува, меѓу другото нагласиле дека ЕУ само во последните неколку години инвестирала близу 10 милиони евра директна финансиска поддршка кон граѓанското општество и кон медиумите во Северна Македонија и најавиле дека нивната посветеност кон овие партнери ќе продолжи и во следниот период, „но мора да видат целосна посветеност кон ЕУ-агендата на нашите досегашни партнери и локални соработници, затоа што граѓаните се уште имаат највисока доверба и поддршка токму за Европската Унија (иако паѓа)“.

Тие изразиле и сериозна загриженост од сѐ поголемото влијание на хибридните закани со цел да извршат ерозија на довербата во системот на земјата и го поткопаат пристапниот процес кон ЕУ и преговорите од зголеменото ширење дезинформации и лажни вести, како и недоволната посветеност на дел од проевропски декларираните организации кон ЕУ и интеграцијата на земјава, како и отсуството на транспарентност.

Дипломатите исто така барале поголема улога и посветеност на граѓанските организации и на соодветните институции кон Европскиот зелен договор и Зелената агенда 2030, а порачале и дека „ЕУ-институциите со мандат за соодветни истраги за европските проекти и грантови сиот овој период имаат тесен фокус врз Северна Македонија и Албанија“, бидејќи високата  политичка и институционална корупција станува сѐ поочигледна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот