Шилегов: Загадувањето е најголем, но Скопје има предизвик и со урбанизмот и...

Шилегов: Загадувањето е најголем, но Скопје има предизвик и со урбанизмот и сообраќајот и зеленилото

276
SHARE

Скопје денес е град со многу предизвици. Загадувањето, е секако најголемиот, но има и многу други проблеми со инфраструктурата, сообраќајот, урбанизмот, зеленилото. Многу од овие проблеми се надминливи и решливи, само доколку сите ние сме подготвени да се откажеме од дел од нашите удобства и да инвестираме во нашата заедничка иднина.

Ова денеска го истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов на одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

Тој потенцира дека во решавањето на овие проблеми треба да се вклучат централната, градската и општинската власт, бизнисмените и организациите, но и сите граѓани.

Сите ние, како што рече, мора да се откажеме од малку за да добиеме повеќе, за да создадеме функционален и просперитетен град, град кој работи за своите граѓани и за сите.

Скопје е град кој доживеал и преживеал се и сешто, но секогаш успевал да ги преброди незгодите и како феникс да стане од пепелта и да продолжи да живее. Скопје ќе ги преброди и денешните предизвици и ќе продолжи да се развива, оцени Шилегов.

Тој зборуваше и за „Скопје 2014“ за што посочи дека претстои процес во кој мора принципиелно, разумно и одлучно да се пристапи.

Шилегов изрази восхит и благодарност на борците кои се вклучиле во ослободувањето на Скопје. Нивниот спомен музеј на илегалната партизанска работилница за оружје веќе неколку години е затворен, како што рече, поради негрижа.

– Наскоро овој музеј повторно ќе биде отворен, а јас како градоначалник ќе се погрижам да биде повидлив и попосетен од нашите сограѓани, рече Шилегов.

Овој музеј се наоѓал меѓу хотелот „Стоун бриџ“ и Комерцијална банка во центарот на Скопје.

Според Шилегов, Скопје треба да биде горд и не смее да ја заборави својата антифашистичка историја и лекциите од минатото.

– Ние мораме да се погрижиме фашизмот никогаш повеќе да не завладее во нашиот град, истакна Шилегов.

Градоначалникот на Скопје и делагција на Советот денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје, на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на градските гробишта „Бутел“.
Цвеќиња положија и делегации на Градскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната антифашистичка војна – Скопје, од кабинетот на претседателот на Република Македонија, од Собранието, Владата, Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, од скопските општини, како и делегации на дипломатскиот кор, граѓани и институции.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY