Хероите на градот на Вардар

Хероите на градот на Вардар

115
SHARE

 

Градоначалникот Петре Шилегов вчера ја отвори постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ во целосно реновираната прва партизанска оружарница во Скопје во Меморијалниот музеј сместен на левиот брег на реката Вардар, на кејот Димитар Влахов, зад Археолошкиот музеј на Македонија.

Во услови на окупација и полициски режим, во непосредна близина на кејот и зградата на Митрополијата, на улица Пајкова број 2, формирана е првата илегална работилница во градот, која прераснала во јадро на создавање на новата историја на градот и еден од симболите за отпорот на населението против окупаторот и неговиот терор.

Оваа куќа и скромна работилница го дочекала ослободувањето на Македонија и опстојале сè до 1965 година, но со новиот урбанистички план, куќата и работилницата биле урнати. Овој објект во 1981 година е пренаменет во Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ.

– На 13 ноември минатата година, на Денот на ослободувањето на градот, ви најавив дека многу скоро повторно ќе го отвориме овој музеј кој неправедно беше затворен долги години заради реновирање. Согласно со историското редефинирање на градот кое го спроведуваше поранешната власт, антифашистичката и современата историја на Скопје беше намерно фрлана на маргините, а со тоа и спомениците, бистите и спомен-плочите посветени на народноослободителната војна беа намерно запуштени и неодржани. Со отворањето на Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ го започнуваме спротивниот процес – истакна градоначалникот Шилегов.

Градоначалникот додаде дека историјата на антифашистичко Скопје, на партизаните, на диверзантските групи, на првиот скопски партизански одред, повторно ќе биде дел од градските културни политики, одбележувања и останати содржини. Илегалната партизанска оружарница од вчера е повторно достапна за граѓаните, како вредно културно и историско наследство од современата македонска историја. Ќе биде отворена секој работен ден.

Шилегов ја изрази подготвеноста на Градот да продолжи да ги отвора институциите на културата за сите граѓани и да работи на негување и промоција на културно-историското наследство. На присутните борци од 12-тата Ударна бригада им порача дека нивната историја, наследството и светот што го создадоа и го оставија за генерациите по нив, нема да бидат заборавени и ќе бидат секогаш ценети.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY