Алаѓозовски: „Скопје 2014″ го измени не само ликот на градот, туку ги...

Алаѓозовски: „Скопје 2014″ го измени не само ликот на градот, туку ги вознемири и подели граѓаните

116
SHARE

По земјотресот во 1963 година, т.н проект „Скопје 2014“ е втората катастрофа што го зафати Скопје. Оваа катастрофа, настаната не од природни, туку од квазиградителски, квазикултурни причини, значително го измени не само архитектонскиот лик на градот, туку ги вознемири и подели граѓаните, ги смени нивните навики, ја збриша меморијата на градот. Овој контроверзен „проект“ на дело докажа колку и архитектурата, кога е во погрешни раце, може да биде убиствена за градот, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски синоќа во Виена, на отворањето на изложбата „Скопје – Архитектурата во македонски контекст“.

– Говорам за дилеми од типот: што е и која е денес архитектурата во македонски контекст, мислам на наши македонски денешни културни дилеми – дали тоа што се случуваше во Скопје и Македонија последниве години воопшто има врска со архитектурата. Иако во извесна смисла погледите на некои современи македонски архитекти очигледно биле вперени и во Виена како можен модел за нивните историцистички егзибиции, истакна Алаѓозовски.

Тој се осврна и на архитектонското наследство на градот од отоманскиот период кое е сега, како што нагласи, заштитено културно богатство.

Автори на „Скопје – Архитектурата во македонски контекст“ се архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска – Дескова и Јован Ивановски. Станува збор за австриско-македонски проект што се реализира на покана на архитектот Адолф Штилер, долгогодишен куратор во престижната виенска галерија Рингтурм, каде што е поставена изложбата.

Поставката има фокус на архитектонско наследство од периодот на Модерната во Скопје, во периодот од 1945 до 1991 година. Авторите велат дека побудениот интерес за модерната архитектура на Скопје доаѓа по периодот кога вниманието на домашната и на светската јавност е насочено  пред се кон контроверзниот проект „Скопје 2014“. Изложбата „Скопје – Архитектурата во Македонски контекст“ е проследена со монографија во која се поместени 37 архитектонски градби избрани по пат на внимателна класификација.

Алаѓозовски на отворањето, како што соопшти Министерството за култура, и посака на виенската публика да ужива во приказната за Скопје. Рече дека во контекст на Виена, која е синоним за културна порта на Европа, претставувањето на македонската архитектура може да предизвика редица (не само) за нас актуелни дилеми.

Министерот упати покана за возвратна изложба за Виенскиот архитектонски контекст во некој од скопските културни простори.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY