Заев, Звиздиќ, Рама и Марковиќ се залагаат за економско поврзување

Заев, Звиздиќ, Рама и Марковиќ се залагаат за економско поврзување

155
SHARE
Фото Борче Поповски

Премиерите нагласија дека сè почесто се гледаат на средби и дека тоа е добар сигнал за секоја земја, затоа што економското поврзување ќе донесе и поголем стандард.

Пишува Весна Дамчевска

Влезот во Европската Унија е заедничка цел на сите земји од Западен Балкан, но за да ја постигнат, треба заеднички да се грижат за политичката стабилност во целиот регион и за економското поврзување, при што особен акцент треба да се стави на транспортната поврзаност и на премостување на граничните бариери. Ова беа ставовите на четворицата премиери – на македонскиот премиер Зоран Заев, на премиерот на Албанија Еди Рама, на премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ и на претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, кои вчера, во рамките на Самит 100, присуствуваа на панел-сесијата „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар?“

Премиерот Заев рече дека целиот регион долго чека на полноправно членство во ЕУ, но сите во регионот треба да преземат нешто за да го приближат стандардот до оној во ЕУ.

– Одовде сакаме да пратиме пораки на единство до инвеститорите. За нас се домашни сите компании што доаѓаат од регионот. Верувам дека компаниите ќе ги искористат позитивните трендови на соработка на владите – рече Заев.

Поврзувањето на земјите од регионот го нагласи и премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ.

– Во последно време неколкумина од нас заедно бевме во Брисел, во Трст, во Подгорица, во Драч, а сега сме во Скопје. Тоа порано не се случуваше – нагласи Марковиќ.

Зборувајќи за реформите што се прават во Црна Гора, тој рече дека земјата има стабилни јавни финансии и добар економски раст, кој во првиот квартал од годинава бил 3,2 проценти, а во вториот 5,1 проценти. Направено е приспособување на образовниот систем кон потребите на пазарот, а реформи се направени и во јавната администрација, која им создавала проблеми на менаџерите.

Албанскиот премиер Еди Рама нагласи дека на заедничка маса седат премиери што не се тука затоа што некој друг сака, туку затоа што е природно да бидат заедно.

– Пред неколку години тоа беше невозможно, но кога почна Берлинскиот процес не е така. Постои битен прогрес, а многу е значајно да се нагласи Акцискиот план со 120 мерки, што треба целосно да го промени начинот на движење стоки и услуги. Сите сакаме да влеземе во ЕУ, но имаме толку многу пречки што нè спречија да ги искористиме можностите за прогрес – рече Рама.

Претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звездиќ, рече дека економската соработка мора да биде високо на листите на приоритети.

– Колку повеќе имаме заеднички регионални проекти и колку повеќе сме посветени на приоритетите, толку поблиску сме до ЕУ. Покрај макроекономската стабилност, приоритет треба да биде и политичката стабилност на целиот Балкан, потоа процесот на дигитализација и иновативност, а треба да работиме и на зголемување на конкурентноста за да ја подигнеме продуктивноста и да постигнеме поголема вработеност- рече Звездиќ.

Ова е првпат на Самит 100 да присуствуваат премиери. Бизнис-заедницата инсистираше нивните гледишта поблиску да стигнат до владите и заедно да работат на регионално поврзување.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY