Ветото на Иванов не е опасно за Законот за јазиците

Ветото на Иванов не е опасно за Законот за јазиците

486
SHARE
Ѓорѓе Иванов

Ако претседателот на државата не го потпише указот, тогаш Законот за јазици ќе треба да се врати во Собрание, а за да биде повторно изгласан, ќе биде потребно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Пишува Мартин Богатиноски

Законот за употреба на јазиците до следниот четврток ќе се наоѓа во рацете на претседателот Ѓорге Иванов, од кого се очекува да го потпише указот за негово прогласување, односно да даде зелено светло за овој закон да биде објавен во Службен весник и официјално да стапи на сила. Овие надлежности на претседателот и роковите за потпишување на указите за прогласување на законите се регулирани во Уставот, Деловникот на Собранието и во Законот за Собрание, но помеѓу експертската јавност активно се шират гласини дека шефот на државата би можел да направи уште еден непромислен чекор, односно да не го потпише Законот во предвидениот рок и да стави вето за негово прогласување. Ако се случи такво нешто, објаснуваат политичките аналитичари, тогаш Собранието повторно ќе треба да го разгледува Законот, па доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, тогаш претседателот ќе биде должен да го потпише указот.

Како што дознаваме од претседателскиот кабинет, шефот на државата уште првиот ден го добил указот за Законот за употреба на јазиците, а како што велат оттаму, сè уште не се знае дали Иванов ќе го потпише Законот или ќе го искористи правото на вето. Од претседателскиот кабинет рекоа дека конечната одлука, Иванов ќе ја соопшти согласно законски предвидениот рок, односно по истекувањето на седумте дена од денот на изгласувањето на Законот, но доколку претседателот сепак одлучи да не го потпише указот, тогаш пратениците ќе треба повторно да го разгледуваат и да гласаат за него.

Во таков случај, како што предвидува Законот за Собрание, ако Законот за јазиците повторно биде усвоен со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, тогаш претседателот на државата ќе биде должен да го потпише указот, наведено е во членот 75 од Уставот.

Во оваа фаза, пратениците ќе може да поднесуваат амандмани само за она на што им укажал претседателот.

Неизвесноста за тоа каква ќе биде одлуката на Иванов доаѓа и по критиките кои тој ги упати во неговото годишно обраќање во Собранието во декември минатата година.

– Со Законот за јазиците, заради краткорочни политички поени се доведуваат во прашање трајните интереси на Македонија и македонскиот народ. Прво, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот, кој произлезе од Рамковниот договор каде се регулира прашањето за службениот јазик во државата – рече Иванов во своето обраќање пред пратениците.

Тој го критикуваше европското знаменце кое беше ставено на Законот, како и немањето на прецизна терминологија во него околу тоа што е официјален службен јазик за службена употреба.

На завчерашната собраниска седница, пратениците со 69 гласа „за“ го изгласаа Законот, а тој беше изгласан со двојно мнозинство, бидејќи својот глас го дадоа 27 пратеници од немнозинските заедници, додека еден беше воздржан. На седницата не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои не учествуваат во работата на парламентот во знак на револт од притворањето на петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во Законодавниот дом на 27 април минатата година.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY